Recep Şakar
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
МЕЛБУРН (АА) - Питер Блинкајрон од Баларат, Австралија, како ученик во основно училиште бил жртва на злоупотреба од страна на Едвард Доулан, член на организацијата „Христијански браќа“, и веќе неколку децении не може да се ослободи од оваа траума, јавува Anadolu Agency (AA).
Блинкајрон (53) одлучи да го сподели своето искуство со цел нешто слично да не им се случи на идните генерации.
Тој вели дека откако прозборел за тоа што му се случило кога имал 11 години и бил ученик во основното училиште „Свети Патрик“, за неговиот случај се напишани вести, отворени се истраги и судски постапки.
„Се користат благи изрази како 'злоупотреба на деца'. Тоа е всушност силување. Тоа е нешто што ќе ги прогонува жртвите до крајот на животот. Многумина од моите соученици починаа многу млади. Ставија точка на своите животи. Извршија самоубиство со пиење алкохол, лекови и со користење дрога“, вели Блинкајрон.
Тој потсети дека овој проблем е раширен во целиот свет, не само во Австралија.
„Мажите сметаат дека треба сами да се изборат со тоа. Понекогаш за да се побара помош е потребна поголема храброст“, додава Блинкајрон.
Според него, голем број жртви на сексуална злоупотреба се соочуваат со долг период на негирање.
„Самиот негирав 38 години. Бев многу успешен. Работев многу. Реков: 'Тоа што ми се случи, не влијаеше на мене', и продолжив со животот. Подоцна се распаднав, работите тргнаа удолу. Личев на човек со скршена нога кој смета дека треба да трча побрзо“, раскажува тој.
Блинкајрон ги повика и другите жртви на сексуално насилство да побараат помош.
„Вие не сте виновни за она што се случило. Молкот ја храни злоупотребата. Ако ги победиш молкот и срамот, целата заедница ќе се промени и ќе почне да се опоравува, порача Блинкајрон.
Тој додава дека црквата извесно време помагала откако признал дека бил жртва на злоупотреба, но подоцна престанала да помага, по што уследила четиригодишна правна битка против неа.
„Во тој период не можев да работам. Ја изгубив мојата работа, сè изгубив. Доколку порано побарав помош, работите ќе се одвиваа поинаку. Ќе имав работа, ќе можев да заработувам“, вели Блинкајрон.
Тој додаде дека во иднина треба децата да се стават на прво место.
„Ако секоја заедница, секој поединец се запраша дали иднината за децата ќе биде добра, ќе го промениме светот“, додава овој Австралиец.