Hasan Esen
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
ЛОНДОН (АА) - Лидерот на најголемата опозициска Лабуристичка партија во Велика Британија, Џереми Корбин, започнувајќи ја својата изборна кампања, вети дека ќе го сруши корумпираниот систем и ќе им се спротивстави на елитите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Корбин во рамките на кампањата се обрати пред членовите на партијата во Лондон.
Ветувајќи дека ќе донесе промени во секој дел од земјата, Корбин во својот говор се осврна на даночните затајувачи, работодавците измамници, компаниите што нанесуваат штета на животната средина и на милијардерите сопственици на медиуми.
„Дали знаете што ги плаши елитите? Главната работа од која се плашат е плаќањето данок. Затоа на овие избори ќе се борат валкано, повеќе од кои било избори. Сѐ ќе кажат за нас, бидејќи знаат дека не се плашиме да им се спротивставиме“, нагласи Корбин.
- „Можеме да го уништиме корумпираниот систем“ -
Критикувајќи ја медиумската империја на Руперт Мардок, која шири пропаганда за поддршка на измамничкиот систем, Корбин рече дека ако победи на изборите, Лабуристичката партија ќе биде со народот, а не со таквите луѓе.
„Заедно можеме да го уништиме корумпираниот систем и да изградиме поправедна земја што ќе се грижи за сите“, рече Корбин.
Во Велика Британија Владата побара предвремени избори откако Парламентот не успеа да се согласи за излегувањето од Европската Унија (Брегзит). Со поддршка на најголемата опозициска Лабуристичка партија, донесена е одлука за предвремени избори на 12 декември.