Ekipa
30 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
ДАМАСК (АА) - Започна иселувањето од долината Барада, која е под контрола на опозицијата, а се наоѓа под опсада на силите на режимот. Од долината, кон Идлиб се упатија 1.300 ранети војници на опозицијата и цивили кои веќе не можат да ги издржат нападите, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде АА од подрачјето, вчера бил постигнат договор меѓу режимските сили на Башар ал Асад и силите на опозицијата за празнење на подрачјето. Првата група, која ја сочинуваа ранети опозиционери и цивили, синоќа со 42 автобуси и 11 амбулантни возила тргнаа на пат.
Во моментов, 1.300 лица преку подрачјето Калет Мадик во Хама се приближуваат кон Идлиб.
Споменатото подрачје, кое се наоѓа на 30 километри од Идлиб, претставува линија на фронтот меѓу силите на режимот и опозицијата во Хама.
По префлувањето на ранетите, ќе се изврши иселување и на цивилите што го прифатија тоа. Се очекува да бидат иселени околу 2.100 лица.
Околу долината се стационирани војниците на опозицијата, а се очекува тие да се тргнат од позициите 48 часа откако ќе ја напуштат долината оние што се во неа.
Беше соопштено дека оние што не сакаат да ја напуштат долината и сакаат да продолжат да живеат во неа, ќе можат да останат, соработувајќи со режимот.
- Армијата на Асад и Хезболах вршеа бомбардирања 5 недели -
И покрај прекинот на огнот, воведен на 30 декември, кој беше донесен под гаранција на Турција и Русија, армијата на Асад и странските прорежимски терористички групи продолжија со нападите врз долината.
По иселувањето на цивилите и опозицијата од Алепо, долината Барада во која претходно немаше судири, стана цел на напади.
И покрај гаранцијата дадена од страна на Русија, режимската армија и Хезболах пет недели интензивно ја бомбардираа долината којашто беше под опсада, не земајќи го предвид прекинот на огнот.
Долината Барада се наоѓа на 16 километри од центарот на Дамаск, а на 12 километри од границата со Либан. Во оваа долина се наоѓа и изворот Ајн ел-Фиџа, кој е главен извор со вода на престолнината Дамаск.
Станува збор за површина од 12 квадратни километри на која се сместени околу 100.000 Сиријци, кои бегајќи од останатите предели во земјата зафатени судири, се населија во ова подрачје.