Burç Eruygur
15 Ноември 2022•Ажурирај: 16 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, предложи низа решенија за ставање крај на војната со Русија, претставувајќи ги во своето видео-обраќање на Самитот на Г20 во Индонезија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првиот предлог на украинскиот претседател кој може да се спроведе за навистина да се гарантира мирот е радијацијата и нуклеарната безбедност.
„Никој нема право да го уценува светот со радиоактивна катастрофа. Русија ја претвори нашата нуклеарна централа Запорожје во радиоактивна бомба која може да експлодира во секој момент. Каде ќе оди облакот од радијација? Можеби кон територијата на Европската унија. Можеби кон Туркије, можеби на Блискиот исток. Дури и хипотетичка можност, таквото сценарио го сметам за криминално“, рече Зеленски, барајќи повлекување на руските сили од нуклеарната централа и предлагајќи украинскиот и персоналот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да ја преземат контролата.
Тој ја истакна безбедноста на храната, се осврна на обновувањето на договорот за Црноморската иницијатива за транспорт на жито постигнат со посредство на Обединетите нации и другите партнери, од кој Русија се повлече на 20 октомври, но подоцна повторно се приклучи, благодарение на дипломатските напори на Анкара.
Зеленски истакна дека иницијативата за жито заслужува „неопределено продолжување“ без оглед на војната, тврдејќи дека „правото на храна е основно право на секој човек во светот“.
„Украина оваа година може да извезе 45 милиони тони храна и значителен дел да биде насочен кон оние кои најмногу страдаат. Што, конкретно, предлагаме? Секоја земја може да се приклучи со одреден придонес и да стане ко-креатор на победите над гладта и кризата со храна“, рече Зеленски.
Третиот предлог што го спомена Зеленски се однесува на енергетската безбедност. Обвинувајќи ја Русија дека „го претворила студот во оружје“, тој истакна дека околу 40 отсто од енергетската инфраструктура на Украина е уништена од руските воздушни напади.
„Доколку Русија се обидува да ги лиши Украина, Европа и сите потрошувачи на енергија во светот од предвидливост и стабилност на цените, одговорот на тоа треба да биде принудно ограничување на извозните цени за Русија, така што извозната цена да не биде повисока од производната цена. Тоа е фер. Ако одземете нешто, светот има право да ви го земе“, рече Зеленски.
Останатите предлози на Зеленски вклучуваат: ослободување на сите затвореници и депортирани лица; спроведувањето на Повелбата на Обединетите нации и обновувањето на територијалниот интегритет на Украина; повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата; формирање на „специјален суд“ и меѓународен механизам за компензација на штетата предизвикана од Русија во војната; создавање на платформа за проценка на еколошката штета од војната, одржување на меѓународна конференција за цементирање на повоената безбедносна архитектура во евроатлантската област, која вклучува гаранции за Украина и потпишување документ со кој се потврдува крај на војната кога ќе се спроведат сите „антивоени мерки“.
„Претставив конкретни, практични решенија. Тие можат да се спроведат брзо. Тие се ефективни. А доколку Русија се спротивстави на нашата мировна формула, ќе видите дека таа сака само војна“, заклучи Зеленски.