Leila Nezirevic
11 Март 2024•Ажурирај: 13 Март 2024
ЛОНДОН (АА) - Шведското знаме денес е подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел, со што се означува влезот на нордиската земја во Алијансата како 32. членка, јавува Анадолу.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го опиша чинот како „историски ден“ на прес-конференција во Брисел по ратификацијата на Шведска.
„По повеќе од 200 години неврзаност, Шведска сега ја ужива заштитата според член 5, крајна гаранција за слободата и безбедноста на сојузниците“, порача Столтенберг, додавајќи дека влезот на Шведска е од корист за безбедноста и на Шведска и на Алијансата.
„Рускиот претседател Владимир Путин не успеа во својата цел да го спречи проширувањето на НАТО“, нагласи тој.
„Шведска се врати дома“, рече шведскиот премиер Улф Кристерсон, заблагодарувајќи му се на Столтенберг за неговата поддршка во текот на процесот.
„Шведска сега е дел од НАТО - горда членка и сојузник, заедно со нашите најблиски пријатели и партнери“, рече тој.
„Ние сме скромни, но и горди. Знаеме дека очекувањата за Шведска се големи. И ние имаме големи очекувања од себе“, истакна Кристерсон.
За Шведска, ова го означува крајот на речиси двегодишното чекање кое започна во мај 2022 година, кога нордиската земја ја поднесе својата апликација за приклучување кон западната воена алијанса заедно со соседна Финска, само три месеци по почетокот на војната во Украина.
Финска се приклучи на НАТО минатата година, додека апликацијата на Шведска беше одложена од Туркије поради поплаките на Анкара дека Стокхолм не сака да ги сузбие терористичките организации на нејзина територија, поточно ПКК, којашто е ставена на листата на терористички организации од страна на Анкара, САД, Велика Британија и ЕУ.
Турскиот Парламент ја одобри кандидатурата за членство на Шведска во јануари, но Унгарија го одложи одобрувањето сѐ додека Кристерсон не ја посети Будимпешта на 23 февруари, по што унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец го одобри приемот на Шведска.