Ekipa
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
ИДЛИБ (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, со поддршка на странските терористички групи кои ги поддржува Иран, зазедоа уште 16 населби во Алепо, во рамките на деескалационата зона во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили, со воздушна поддршка на Русија, во последните 24 часа зазедоа повеќе населби на северозападниот дел на Алепо. И понатаму во Идлиб во тек се судирите на силите на Асад и сириската опозиција.
Идлиб е најголемо упориште на сириската опозиција во кое во моментот се наоѓаат речиси 4 милиони жители. Тоа е двојно поголема популација од онаа што ја имаше Идлиб пред почетокот на војната во Сирија.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона, како и регионите Хомс, Источна Гута и Дера Кунејтра.
Меѓутоа, режимските сили на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата. Стотици илјади цивили од тие региони побегнаа во Идлиб и тоа во регионите на самата сириско-турска граница.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите во Идлиб. Согласно договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб, а силите лојални на режимот на Асад набрзо продолжија со артилериските и воздушните напади во кои досега се убиени повеќе од 1.800 цивили.
Од јануари 2019 година од Идлиб во регионите на сириско-турската граница побегнаа повеќе од 1.677.000 цивили.