Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
08 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
ИДЛИБ
Бурак Караџаоглу/Ахмет Карахмет -
Сириските семејства, кои мораа да ги напуштат своите домови поради нападите на силите од претседателот Башар ал Асад и кои пронајдоа засолниште во кампот во северозападната област Идлиб, ги претворија своите шатори во училишта со скратено работно време за да им овозможат на нивните деца да го продолжат образованието, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од 2011 година, кога изби граѓанската војна во Сирија, стотици училишта беа оштетени во нападите на силите на Асад и неговите поддржувачи. На децата на тој начин им беше оневозможено следење на наставата.
Цивилите коишто сакаат нивните деца да го продолжат образованието, сега на различни начини се обидуваат да им овозможат на децата да го продолжат образованието.
Жителите на кампот „Рејан“ во селото во Идлиб, во текот на работните денови им ги даваат своите шатори на учениците кои дневно имаат четиричасовна настава.
„Вкупно 386 ученици, вклучувајќи 186 момчиња и 200 девојчиња, следат настава во шаторите“, изјави за АА, Абдулкадир Баша, директорот на училиштето.
Како што изјави, има денови и кога е студено, па заедно се обидуваат да ги надминат таквите ситуации.
Ученикот во прво одделение, Мухамед Џума, изјави дека шаторите се поплавени кога ќе падне дожд и дека во такви услови ја следат наставата.
„Нозете ни се во кал. Во шаторите паѓа дожд. Кога е студено, се обидуваме да ги загрееме рацете, триејќи ги“, изјави Џума.
Махмут ал Ибрахим, кој живее во кампот една и пол година, е благодарен на учителите кои доброволно им држат настава на децата.
„Ќе сториме сè што е до нас за нашите деца да се образуваат. Шаторите, кои нè штитат од студот, ги даваме за училиште по четири часа дневно, за нашите деца да се образуваат. За тоа време престојуваме кај соседи или роднини. Бидејќи не сакаме нашите деца да останат неуки“, порача Ибрахим.
Стотици илјади луѓе се убиени и раселени во Сирија од 2011 година, кога започна граѓанската војна.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за зона на деескалација, токму како и регионите Хомс, Источна Гута и Дера Кунејтра. Силите лојални на режимот на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на Руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите и за воспоставување демилитализирана зона во Идлиб. Во согласност со договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб.
Русија и режимските сили во мај 2019 година започнаа операции за време на кои зазедоа многу населби во деескалационата зона на судири во Идлиб.
Турција и Русија на 5 март оваа година постигнаа нов договор во Москва.
Режимските сили повремено го кршат примирјето, кое во значајна мерка се почитува. Во период од 2017 до 2020 година околу два милиони цивили беа принудени да мигрираат кон подрачјата во близина на турската граница.