Ahmet Gürhan Kartal
16 Август 2020•Ажурирај: 17 Август 2020
ЛОНДОН (АА) - Британската екстремна десница стана поотворено расистичка и идеолошки многу поекстремна се заклучува во новиот извештај на групата за антифашистичка кампања „Надеж, не омраза“ (Hope Not Hate), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на групата се вели дека повеќегодишната доминација на фашистичките фигури, како Томи Робинсон, е фокусирана кон муслиманите со цел да предизвика раст на национализмот на белците во земјата.
Во извештајот, кој допрва треба да биде официјално објавен, според весникот „Индипендент“ (The Independent), се открива дека растот на новата група „Патриотска алтернатива“, која отворено повикува не-белците да бидат протерани од Велика Британија, сугерира „промена кон поотворена расна политика“ .
Британските екстремно десничарски активисти стануваат „идеолошки многу поекстремни“, вели Симон Мардок, авторот на извештајот, пишува британскиот весник.
Тој истакнува дека промените во ставовите се поттикнати од протестите на „Black Lives Matter“ (BLM), кои беа предизвикани од убивањето на Џорџ Флојд од полицаец во САД и со зголемувањето на преминувањата на мигрантите преку каналот „Ла Манш“ во Велика Британија од Франција.
„Сега постои поголема волја за дискутирање за расите генерално кај крајната десница“, вели Мардок.
Гласините дека демонстрантите застапници на „Black Lives Matter“ (BLM) ќе ја соборат статуата на Винстон Черчил во Лондон, по соборувањето на статуата на трговецот со робови од 17. век Едвард Колстон во Бристол, поттикна илјадници екстремни десничари од различни групи да дојдат во Лондон за да ги одбранат статуите.
Меѓу фашистичките групи кои ги организираа контрапротестите беа „Football Lads Association“, „English Defence League (EDL)“ и „Britain First“.
Тие ја нападнаа полицијата, новинарите и демонстрантите на „Black Lives Matter“ на плоштадот „Парламент“, „Вајт хал“ и плоштадот „Трафалгар“, и со нацистички поздрави извикуваа расистички пароли.
Мардок истакнува дека доминантните групи и активисти кај британската екстремна десница, како што е поранешниот лидер на „Лига за одбрана на Англија (EDL)“, Томи Робинсон, чие вистинско име е Стивен Кристофер Јаксли, се фокусирале на исламот во последните години и оставиле отворениот расизам на екстремните фашисти како забранетата терористичка група „National Action.“.
- Идентитарно движење -
Во извештајот се вели дека порастот на идентитарното движење низ Европа и ширењето на теоријата на заговор, според која белите луѓе низ целиот континент се сменуваат од страна на не-белците, придонеле за раст на екстремната десница во Велика Британија.
„Ова е потег на луѓе претходно насочени кон други теми како исламот, а покрај тоа постои и контингент на млада британска екстремна десница која прифаќа поекстремни, традиционално фашистички и идеи на белиот национализам и на антисемитизмот“, вели Мардок.
„Патриотска алтернатива“ е формирана минатата година од Марк Колет, поранешниот шеф за односи со јавноста на Британската Национална партија.
Групата тврди дека „автохтоните Британци се искоренети“ и бара екстремни мерки за заштита на „автохтоните народи во Обединетото Кралство“, вклучително и „целосно запирање на имиграцијата“ и плаќање на мигрантите да се вратат во нивните татковини.
Групата досега привлече илјадници луѓе со фашистички идеи од цела Велика Британија.