Mücahit Oktay
28 Јуни 2021•Ажурирај: 28 Јуни 2021
ЊУЈОРК (АА) - Инспекторите на Обединетите нации (ОН) подготвија извештај во кој се наведува дека руските платеници стационирани во Централноафриканската Република се вклучени во повеќе злосторства, вклучително и масакр врз цивилите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на ОН, до кој стигна „Њујорк тајмс“, се наведува дека на почетокот на оваа година руските војници назначени за „невооружени советници“ во Централноафриканската Република за време на една голема операција убиле цивили, ги ограбиле нивните домови и ги убиле лицата што клањале во џамија.
Исто така се наведува дека руските платени војници ја предводеле Граѓанската војна во африканската земја, што трае 10 години.
Понатаму се вели дека руските платеници развиле трговски односи со владините службеници на земјата која има големи резерви на дијаманти.
Покрај тоа, биле вклучени во голем број прекршувања на правата, како што се прекумерна употреба на сила против опозициските групи, убиства и окупирање училишта.
- Извештајот вклучува визуелни докази и изјави на очевидци -
Во извештајот на ОН е наведено дека има визуелни докази за злосторствата извршени од руските платеници и дека има изјави на очевидци кои не сакале да го откријат идентитетот поради страв.
Според очевидците, нелегалните руски сили отвориле оган врз камион во градот Гримари во декември 2020 година, убивајќи 3 цивили и повредувајќи 15.
Во февруари, заедно со владините трупи, извршиле рација во џамијата „Таква“ во Бамбари, и убиле најмалку 6 верници.
- Руските сили во Централноафриканската Република
Во 2017 година, Централноафриканската Република со помош од Русија ја презеде контролата врз трговијата со дијаманти, која беше во рацете на бунтовниците.
Администрацијата на Кремљ со одобрение од ОН понуди да испрати „невооружени воени инструктори“ со цел да ја обучи Армијата на Централноафриканската Република, која е под ембарго за оружје од 2013 година.
Но, по некое време, беше наведено дека руските обучувачи биле вооружени платеници и дека воделе профитабилни зделки во трговијата со дијаманти со претставници на локалната власт.
Иако руските официјални лица соопштија дека никогаш немале повеќе од 550 инструктори во земјата, истражителите на ОН открија дека тој број понекогаш достигнувал 2.100 вработени.