Rabia İclal Turan
30 Јуни 2026•Ажурирано: 30 Јуни 2026
Групи израелски доселеници подготвија план за заземање 100 стратегиски локации во Зоната А на окупираниот Западен Брег, која е под администрација на Палестинската самоуправа, според медиумските јавувања, пренесува Анадолу.
Весникот „Израел хајом“ објави дека планот, подготвен од Асоцијацијата на доселенички фарми и Форумот „Хават“, има за цел суштински да ја прекрои мапата на окупираната територија.
Предлогот предвидува механизам за распоредување сили на приближно 100 стратегиски локации на Западниот Брег, на ден кој во документот е опишан како „ден на извршување“, се наведува во веста.
Локациите наводно се наоѓаат во Зоната А, која, според Договорот од Осло II од 1995 година е под административна и безбедносна контрола на Палестинската самоуправа.
Весникот наведува дека планот веќе им бил претставен на министрите во израелската Влада и на личности блиски до премиерот Бенјамин Нетанјаху, а според информациите, тој ги опфаќа и големите палестински градови.
Муајад Шабан, раководител на Палестинската комисија против колонизацијата и Sидот, кој е поврзан со Палестинската ослободителна организација (ПЛО), го опиша предлогот како опасен чекор на израелска анексија на окупираниот Западен Брег.
Тој посочи дека ова го одразува поширокото политичко дејствување што се спроведува под десничарските израелски власти, а не дека станува збор за независна иницијатива на илегалните групи доселеници.
Израелската војска спроведува речиси секојдневни упади во градовите и населените места низ Западниот Брег, кои често вклучуваат апсења, сослушувања на терен и претреси на домови.
Во нападите на израелската војска и доселениците на Западниот Брег од октомври 2023 година досега се убиени повеќе од 1.173 Палестинци, повредени се 12.666, а приведени се околу 23.000 лица, покажуваат податоците на палестинските власти.