Esat Fırat
06 Јули 2019•Ажурирај: 07 Јули 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Во неколку градови во Израел вчера беа одржани антирасистички протести по повод смртта на момче со потекло од Етиопија, кое беше усмртено од полицаец, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите собрани во главниот град Тел Авив извикуваа слогани против израелската Влада и во знак на поддршка на Палестина.
На видеоснимката објавена на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите во Тел Авив го блокирале патот, и покрај присуството на полицајците, извикувале слогани на арапски и англиски јазик во знак на поддршка на Палестинците и нивната борба за слобода.
Претходните денови доаѓаше и до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се обидуваа да го блокираат сообраќајот во еден дел на Тел Авив.
Израелската полиција соопшти дека на протестите на израелските државјани со потекло од Етиопија биле повредени 111 полицајци, а приведени 136 демонстранти.
Во вторникот, исто така низ Израел беа организирани протести откако во неделата во градот Кирјат Хаим, полицаец, во време кога не бил на должност, отворил оган и го усмртил 19-годишниот Соломон Теках, израелски државјанин со потекло од Етиопија.
Според израелските медиуми, во судирите со полицијата од 1997 година загинале вкупно 11 Етиопјани.
Израелските државјани со потекло од Етиопија, кои во Израел ги има околу 135.000, се незадоволни од односот на властите кон нив и тврдат дека се жртви на дискриминација, расизам и сиромаштија.
Се работи за доселеници кои живеат главно во сиромашните краеви на земјата, а своето незадоволство често го искажуваат на протестите.