İlayda Çakırtekin
10 Јули 2026•Ажурирано: 10 Јули 2026
Израел му доставил на САД нови разузнавачки информации што, според нив, укажуваат на ирански заговор за атентат на претседателот Доналд Трамп, објави вчера „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот, пренесува Анадолу.
Потсетувајќи дека Иран со години се заканува со одмазда кон Трамп за атентатот на Касем Сулејмани, командант на единицата „Кудс“ при Иранската исламска револуционерна гарда, извршен на 3 јануари 2020 година, се наведува дека новите информации би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран.
Израелската амбасада во Вашингтон одби да го коментира случајот, а иранската Мисија при Обединетите нации не одговори веднаш на барањето за коментар.
Белата куќа го упати „Волстрит џурнал“ на изјавите што Трамп ги даде во среда на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
„Тие сакаат да го отстранат американскиот лидер – мене“, рече тој.
„Јас сум на секој список. Видов утринава, јас сум на секој нивен список. И досега, претпоставувам, имав малку среќа, но можеби тоа нема да трае уште долго.“
И покрај неодамнешните тензии околу Иран, Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера телефонски разговарале и се согласиле да ја продолжат координацијата.
Иран и САД во изминатите два дена разменија напади во екот на ескалацијата, по нападите на Иран врз три трговски брода во Ормускиот Теснец.
Техеран вчера изведе серија напади врз американската воена инфраструктура во Бахреин, Кувајт, Катар и Јордан, како одмазда за американските напади веќе втора ноќ.