Safiye Karabacak
15 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
ГАЗА (АА) - Израелската армија изведе воздушни напади на неколку локации во блокираниот Појас Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Очевидци на настанот јавуваат дека израелски авиони ги бомбардирале упориштата на военото крило на Хамас, бригадата Езедин ал-Касам во Бејт Лахија и Ал Јермук, во источниот дел на Газа.
Локални извори велат дека неколку бомби паднале и на палестински земјоделски површини и дека во нападите е предизвикана поголема материјална штета на неколку објекти.
Израелското државно радио синоќа објави дека една ракета истрелана од Газа паднала на ненаселено подрачје во јужниот израелски град Ешкол.
Под изговор дека се бори против заканите од страна на Хамас за безбедноста на регионот, Израел пред две години изведе стравотни напади на Газа. Во текот на нападот на Израел, кој траеше педесет дена и започна на 7 јули 2014 година, загинаа над 2.000, а беа повредени повеќе од 12.000 Палестинци.
Нападите беа спречени со договор за прекин на огнот, кој беше постигнат на преговорите во Каиро, на 26 август истата година. Меѓутоа, кризата во регионот сè уште е на сцената, а процесот на мировните преговори и понатаму е блокиран.