30 Мај 2024•Ажурирај: 31 Мај 2024
ГАЗА (АА) – Израелски дрон денес изведе напад врз училиште во бегалскиот камп Џабалија, на северот на Појасот Газа, во кој има жртви, јавува Анадолу.
На снимките се гледаат луѓе како во паника трчаат околу училиштето погодено од Израел, а некои носат загинати од местото на нападот.
Израелската војска се повлече од бегалскиот камп Џабалија, оставајќи зад себе огромно разурнување и многу мртви, тврдат очевидци.
Десетици изгорени куќи и остатоци од уништени израелски воени возила се пронајдени во подрачјето по повлекувањето на војската.
Израелската војска започна воена операција од широки размери во кампот на 12 мај, при што уништи куќи и ги принуди жителите да ги напуштат своите домови во кампот.
Бројот на загинати во немилосрдните израелски напади врз Појасот Газа од октомври минатата година достигна 36.224, соопшти денес Министерството за здравство во опколената палестинска енклава.
Речиси осум месеци по почетокот на израелската војна големи делови од Појасот Газа се во урнатини, а има и блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште.