Mücahit Aydemir
05 Април 2023•Ажурирај: 06 Април 2023
ГАЗА (АА) - Воените авиони на Израел извршија воздушен напад врз две точки во западниот дел на Појасот Газа, кој е под блокада, пренесува Анадолу.
Израелските авиони ја бомбардираа Газа откако од Појасот Газа кон Израел беа лансирани ракети како одговор против синоќешната рација на израелските сили во Месџид ал-Акса.
Според израелските медиуми, воените авиони на Израел погодиле две точки во западниот дел на Газа.
Ниту израелските ниту пак, палестинските власти не излегоа со изјава во врска со можни жртви или повредени во нападот.
Инаку, израелските сили на полноќ изведоа рација во комплексот на џамијата Ал Акса во Кудс.
По оваа рација, изведена е уште една по утринската молитва на муслиманите. Палестинците се обиделе да ја спречат полицијата да влезе, затворајќи ја вратата.
Опколувајќи ја Ал Акса, израелската полиција се качила на кровот од џамијата, скршила некои од прозорците и во почетокот интервенирала со звучни бомби врз верниците кои биле во објектот. Некои од присутните во џамијата се обиделе да ѝ се спротивстават на полицијата.
Израелската полиција потоа влегла во Ал Акса, користејќи звучни бомби, солзавец и гумени куршуми. Верниците во џамијата биле тепани со гумени пендреци. Во текот на рацијата светиот храм бил претворен во „воена зона“.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека се повредени седум Палестинци. Израелската полиција соопшти дека се приведени 200 Палестинци.