Betül Yılmaz
17 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
ДАМАСК/ИСТАНБУЛ (АА) — Израелските сили денес навлегоа во два града во јужниот дел на Сирија и започнаа да ги претресуваат куќите, при што некои војници стоеја на покривите, предизвикувајќи паника кај локалното население, според локалните медиуми, јавува Анадолу.
Сириската државна телевизија „Ал-Ихбарија“ соопшти дека возилата на израелската Армија со војници влегле во градовите Џубата ал-Хашаб и Уфанија во руралниот дел на Кунејтра, област што се наоѓа во зоната на раздвојување во окупираната Голанска Висорамнина.
Армијата се распореди во областа, спроведувајќи претреси од куќа до куќа и стационирајќи се на покривите, а израелските беспилотни летала летаа на ниска височина над нив.
Немаше непосреден коментар од израелската Армија во врска со медиумските извештаи.
Во текот на последните месеци, израелската Армија изврши неколку прекугранични напади во јужните сириски провинции, вклучувајќи ја и Кунејтра, и покрај меѓународните повици за запирање на кршењата на суверенитетот на Сирија.
По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, Израел ја прошири својата окупација на сириската Голанска Висорамнина со заземање на демилитаризираната тампон-зона, потег со кој се прекрши Договорот за раздвојување со Сирија од 1974 година.