Gamze Türkoğlu Oğuz
01 Март 2019•Ажурирај: 02 Март 2019
СРИНАГАР (АА) - Владата на Индија донесе две контроверзни одлуки во врска со регионот Џаму и Кашмир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одлуката донесена од страна на Кабинетот под водство на премиерот на Индија, Нарендра Моди, на обесправените лица им овозможува еднакви можности со другите, а се вели дека ќе стапи во сила откако ќе биде одобрена од страна на претседателот на земјата.
Министерот за финансии на Индија, Арун Џетли, истакна дека оваа одлука на лицата кои живеат на подрачјата што се под заштита во непосредна близина на Меѓународната граница, ќе им овозможи еднакви можности за образование и вработување со лицата кои живеат на Контролната линија во Кашмир.
Меѓу другото, Министерството за внатрешни работи на Индија со владина одлука стави забрана на социјалната, верската и политичката структура, „Џемаат-и Ислами Кашмир“ , која ја опиша како закана за безбедноста на Индија.
Во одлуката се наведува дека „Џемаат-и Ислами Кашмир“ е забранета за пет години поради „можноста за зголемување на сепаратистичките движења, поддршка на агресијата и поттикнување на насилството“.
Овие одлуки кои се сметаат за прекршување на автономијата на Џаму и Кашмир се предвидува дека во наредните денови ќе предизвикаат демонстрации во регионот.
Индиските сили минатата недела во Џаму и Кашмир приведоа над 300 лидери и припадници на „Џемаат-и Ислами Кашмир“.
- Спорот за Кашмир
Кашмир е област околу која Индија и Пакистан имаат спор од 1947 година, кога овие две земји се стекнаа со независност од Велика Британија.
Индија контролира околу 45 проценти од Кашмир, Пакистан околу 35 и Кина 20 проценти. Индискиот дел се вика Џаму и Кашмир. Делот од Кашмир кој е под контрола на Пакистан има статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир („Независен Кашмир“) и Гилгит-Балтистан.
Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) донесена во 1948 година предвидува демилитаризација на Кашмир и определување на иднината на овој регион со референдум. Индија не е за одржување референдум, додека Пакистан сака да се спроведуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
- Тензии меѓу Пакистан и Индија
Инаку, пред две недели почнаа да се зголемуваат тензиите меѓу Индија и Пакистан, по бомбашкиот напад извршен на 14 февруари врз паравоен конвој во Индија, во кој загинаа 44 војници, додека 20 војници беа ранети.
Администрацијата на Њу Делхи го обвини Пакистан дека ги заштитува терористите кои го извршиле овој напад, додека Пакистан го негираше ова обвинување.
Индија на 26 февруари соопшти дека извршила воздушен напад врз цели на терористички групи на пакистанската страна на Контролната линија на Кашмир.
Пакистан сруши два индиски воени авиона со образложение дека го нарушиле воздушниот простор на Пакистан.
Индија соопшти дека срушила еден авион на Пакистан, но администрацијата на Исламабад не го потврди тоа.
Пакистанската Влада и Војска соопштија дека не сакаат да се зголемуваат тензиите.
Премиерот на Индија, Нарендра Моди, го обвини Пакистан дека се обидува да ја дестабилизира неговата земја.
Турција, Европската Унија (ЕУ), Германија, Велика Британија, Кина и Русија упатија препорака за трезвеност.