Ekipa
13 Јануари 2023•Ажурирај: 19 Јануари 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) – Индискиот премиер Нарендра Моди денеска го промовира почетокот на најдолгото крстарење по река во светот „MV Ganga Vilas“, патување во должина од околу 3.200 километри, кое би траело 51 ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нарекувајќи го крстарењето по реката Ганг значаен момент, од Владата беше истакнато дека тоа е предвесник на нова ера на туризмот во Индија.
Моди, за време на виртуелната церемонија на пуштање на линијата, рече дека најдолгото речно крстарење ќе ја донесе „Северна Индија на врвот на светската туристичка мапа“.
„MV Ganga Vilas“ го започнува своето патување од Варанаси во северната држава Утар Прадеш во должина околу 3.200 километри во времетраење од 51 ден до Дибругарх во Асам, североисточна Индија, преку Бангладеш, пловејќи низ 27 речни системи во Индија и Бангладеш.
„„MV Ganga Vilas“ има три палуби и 18 апартмани на бродот со капацитет од 36 туристи, со сите луксузни удобности. На првото патување се пријавија 32 туристи од Швајцарија за целата рута на патувањето“, се вели во соопштението на Владата објавено денеска.
„Во текот на 51-дневното крстарење планирани се посети на 50 туристички дестинации – локалитети од Листата на светско наследство, национални паркови, речни клисури и големи градови како Патна во Бихар, Сахибгањ во Џарканд, Калкута во Западен Бенгал, Дака во Бангладеш и Гувахати во Асам“, се наведува во соопштението.
Се додава дека патувањето ќе им даде можност на туристите да тргнат на едно искуствено патување и да се препуштат на уметноста, културата, историјата и духовноста на Индија и Бангладеш.