Ali H. M.Abo Rezeg
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи издаде наредба да им се додели иранско државјанство на Авганистанците што се борат во Сирија како дел од Иранската револуционерна гарда на бригадата Фатимијун (ИРГ), вели ирански официјален претставник, јавува Anadolu Agency (AA).
Мухамед Али Шахиди Махалати, официјален претставник на иранската Фондација за маченици и ветерански работи, ја потврди оваа информација во изјавата објавена доцна синоќа на Џаваонлајн, иранска конзервативна веб-страница.
„Според упатствата на Хамнеи, Иран ќе им даде државјанство на авганистанските борци што се борат во Сирија (како дел од Бригадата Фатимијун)“, вели Махалати.
Од започнувањето на конфилктот во Сирија, на почетокот од 2011 година, Иран испрати голем број шиитски милитанти за да се борат заедно со режимот на Ал-Асад, под водство на командантите на ИРГ.
Најголеми од нив се бригадите Фатимијун и Заинабијун, кои се составени од Авганистанци шиити и пакистански војници.
„Повеќе од 2.000 лица од иранскиот воен персонал загинаа во Ирак и во Сирија, од почетокот на конфликтот пред шест години“, објави Махалати минатата недела.
Иран е силен поддржувач на режимот на Ал-Асад во Сирија, земја којашто е разорена од граѓанскиот конфликт од 2011 година, кога силите на режимот со неочекувана свирепост ги задушија продемократските протести, кои избувнаа како дел од востанијата на Арапската пролет.
Минатата година, Советодавното собрание на Иран (парламент) усвои го Нацрт-законот за доделување иранско државјанство на семејствата на загинатите странски борци во Сирија кои се бореа под закрилата на ИРГ.