Kübra Chohan
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
РИМ (АА) - Жителите на двете богати италијански покраини, Ломбардија и Венето, со мнозинство гласови на вчерашниот референдум го поддржаа барањето за поголем степен на автономија, јавува Anadolu Agency (AA).
Италијанската новинска агенција ANSA (АНСА) објави дека на референдумот во покраината Венето гласале 59,7 отсто од регистрираните гласачи и дека е задоволен условот од надполовичен одзив на гласачите.
Одзивот на гласачите на референдумот во Ломбардија изнесуваше 40 отсто, но во тој регион немаше поставен услов за натполовична излезност.
Претседателот на Ломбардија, Роберто Марони, доцна синоќа во Милано изјави дека според првичните резултати за повисок степен на автономија гласале 95 отсто од гласачите, а дека против таа идеја биле само три отсто.
Лука Заја, претседател на Венето, синоќа во Венеција изјави дека 98 отсто од бирачите гласале за поголема автономија на тој регион.
Станува збор за две северни покраини во кои живее една четвртина од италијанското население, и кои даваат речиси една третина од бруто националниот производ на земјата. Референдумот е организиран со цел покраинските власти да имаат дополнително оправдување за борбата за поголем степен на автономија во даночната, имиграциската, образованата и другите политики.
Ломбардија и Венето секоја година го полнат италијанскиот буџет со околу 50 милијарди евра собрани од даноци, а италијанските медиуми јавуваат дека вчерашните референдуми чинеле 65 милиони евра.
Во наредниот период, покраинските власти од Венеција и Милано треба да започнат интензивни преговори со официјален Рим за поголем степен на автономија.