Şenhan Bolelli
03 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Судот во Шпанија донесе одлука за притвор без можност за кауција за соборениот каталонски заменик-претседател и седум министри обвинети за прогласување независност на Каталонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во четвртокот девет поранешни членови на каталонската влада беа сослушани во судот во Мадрид, по што канцеларијата на државниот обвинител побара притвор за осум лица.
Судијката Кармен Ламела го прифати предлогот, дозволувајќи му само на Санти Вила, поранешен министер задолжен за компаниите, плаќање на кауција од 50.000 евра за да избегне притвор.
Вила поднесе оставка неколку часа пред гласањето за независност на 27 октомври.
Судијката истакна дека обвинетите повеќе од две години планирале и намерно работеле на извршување кривично дело, додавајќи дека со оглед на нивните позиции, лесно можеле да избегаат од Шпанија.
„Некои веќе отидоа во други земји, избегнувајќи ги кривичните постапки", рече судијката, мислејќи на сменетиот претседател Карлес Пуигдемон и четворицата министри кои се наоѓаат во Белгија.
Притворените функционери се обвинети за побуна против шпанската држава, непослушност и употреба на пари за организирање референдуми и активности што не се во согласност со шпанскиот устав. Им се заканува казна затвор од времетраење 30 години.
По одлуката на шпанскиот суд, масовни протести беа најавени во североисточната провинција.