Serdar Bıtmez,Ali Semerci
08 Август 2022•Ажурирај: 09 Август 2022
ДОХА (АА) - Катар соопшти дека досието Палестина е едно од најважните досиеја на кои работи дипломатијата на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Маџид ал Енсари, советникот на катарскиот министер за надворешни работи и портпарол на Министерството за надворешни работи, даде изјава за телевизијата „Ал Џезира“.
Наведувајќи дека неговата земја направила напори да ги запре нападите на Израел врз Газа преку контакти со сите страни уште од првиот ден, Енсари рече: „Улогата на Катар беше многу важна да обезбеди прекин на огнот преку намалување на тензиите. Регионалните и меѓународните контакти продолжија за да се најде практична формула за ставање крај на тензиите.“
Ал Енсари истакна дека Катар со две изјави ја осуди Израел за ескалација на тензиите во Газа и нападот на Месџид Ал Акса, и нагласи дека досието Палестина е едно од најважните досиеја на кои работи катарската дипломатија.
Тој посочи дека интензивните контакти на Катар помогнале да се дознае вистината за ситуацијата во Газа, додаде дека дипломатијата на Катар се заснова на дијалог и зближување на страните, и дека таа дипломатија постигнала успех на многу фронтови.
На 5 август Израел започна напади врз цели за кои тврдеше дека му припаѓаат на движењето Исламски џихад, со образложение дека подготвува напад во Газа.
По израелскиот напад, од Газа беа истрелани низа ракети во правец на Израел.
Како резултат на израелските напади на Појасот Газа животот го загубија 44 Палестинци, од кои 15 деца и 4 жени, додека на израелска страна немаше загуба на животи.
Соопштено е дека прекинот на огнот, кој беше постигнат меѓу Израел и движењето Исламски џихад во Газа, со посредство на Египет, стапи на сила во 23.30 часот по локално време.