Islam Uddin,Riyaz Khaliq Khaliq
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Кина денес остро го осуди нападот на Израел врз баптистичката болница Ал-Ахли во центарот на Газа, велејќи дека е „шокирана“ од инцидентот, јавува Анадолу.
„Жалиме за жртвите и изразуваме сочувство до повредените“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи по нападот во вторникот вечерта, во кој загинаа стотици лица.
Повикувајќи на „итен прекин на огнот и прекин на непријателствата“, Пекинг повика на „сите можни напори да се заштитат цивилите и да се избегне уште полоша хуманитарна катастрофа“.
Над 500 лица загинаа во синоќешниот израелски воздушен напад врз баптистичката болница Ал-Ахли, соопштија палестинските власти во опколената енклава. Израел ја отфрли одговорноста за воздушниот напад.
На снимките од местото на нападот се гледаат трупови во кругот на болницата.
Според репортерот на Анадолу, илјадници Палестинци биле во болницата кога зградата била бомбардирана.
Борбите започнаа на 7 октомври кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад од повеќе страни со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Појасот Газа се соочува со голема хуманитарна криза, тој е без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Шефот на ОН, Антонио Гутереш, повика на „итен хуманитарен прекин на огнот“ за да се олесни „епското човечко страдање“.
Најмалку 3.300 Палестинци загинаа во израелските напади врз Газа. Повеќе од 1.400 лица загинаа во нападите врз Израел.