Riyaz Khaliq
08 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
АНКАРА
Националната здравствена комисија на Кина денеска соопшти дека се забележани 3 нови смртни случаи од последиците на Ковид-19, додека 62 други, од кои 59 од нив дошле од странство, по извршеното тестирање биле позитивни на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението издадено од Националната здравствена комисија се вели дека трите случаи биле регистрирани во покраините Шандонг и Гуангдонг. Минатата ноќ Кина по 76 дена ја укина блокадата на градот Вухан, место каде што за првпат беше забележан вирусот.
Кинеските здравствени официјални претставници велат дека од минатиот декември во земјата биле регистрирани 81.802 случаи на заразување, додека 3.333 починале. Повеќето од случаите на зараза и смртните случаи се регистрирани во покраината Хубеи.
Досега се излекувани и пуштени од болница 77.279 пациенти.
Во Хонгконг и Макао, специјални административни региони на Кина и Тајван, пријавени се вкупно 935 случаи. Девет лица починаа од последиците на Ковид-19, четворица во Хонгконг и петмина во Тајван.
Во светот се регистрирани над 1,4 милион потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е поголем од 82.100. Речиси 302.000 пациенти се излекувани.