Lina Altawell
06 Април 2026•Ажурирај: 06 Април 2026
Министерството за здравство на Кувајт соопшти дека утрово во станбена зона во северниот дел на земјата паднале делови од остатоци и шрапнели на ракети од „неправеден ирански напад“, при што биле повредени шест лица, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството, д-р Абдула ал-Санад, изјави дека централната канцеларија за операции взори добила извештаи за паѓање на проектили и фрагменти во областа, извести Кувајтската новинска агенција КУНА.
Екипите на итна медицинска помош и амбулантните служби реагирале веднаш и ги згрижиле повредените со здобиени повреди од полесни рани до проблеми со слухот предизвикани од силните експлозии, како и повреди од паднати остатоци, се додава.
Сите повредени ја добиле неопходната медицинска помош во согласност со протоколите и се во стабилна состојба, без посериозни компликации, изјави Ал-Санад.
Регионалните тензии ескалираа по почетокот на заедничката офанзива на Израел и САД врз Иран на 28 февруари, во која досега се убиени над 1.340 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази. Иран, исто така, го ограничи поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.