Muhammed Emin Canik
23 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
БУЕНОС АИРЕС (АА) - МУХАМЕД ЕМИН ЏАНИК -
Необични и разнобојни куќи, улични танго танчери, пешачката улица „Каминито“, стадионот „Ла Бомбонера“, се само некои од асоцијациите за Ла Бока, најпознатиот и еден од 47-те квартови на главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, пишува Anadolu Agency (AA).
Ла Бока, пристаништен кварт именуван по устието на реката Риачуело („бока“ - устие на шпански јазик), односно по џеновскиот кварт Бокадасе, од првите доселеници, главно од овој град.
Ла Бока се простира на околу 3,5 километри квадратни, на кои живеат околу 50.000 жители. Кон крајот на 19 век во Ла Бока започнаа да се населуваат во најголем дел мигранти од Италија.

Еден од најпрепознатливите елементи во квартот Ла Бока е малата пешачка улица „Каминито“, која е од голема културна и туристичка важност за Буенос Аирес. Таа е позната по славното истоимено танго. Оваа улица во 1959 година е прогласена за „улица музеј“. Познатите куќи на италијанските мигранти во разни бои се под заштита на државата како културно наследство.
Разнобојните куќи, освен што ја красат улицата „Каминито“, истовремено се и главна понуда како сувенир за туристите од целиот свет. Туристите на Каминито можат да купат минијатурни куќи во различни бои.
Така посетителите, шетајќи по улицата „Каминито“ во Ла Бока, имаат можност на ѕидовите на куќите да ги видат и делата на голем број сликари, стихови на поети, а тука се секако и статуите на познатите аргентински фудбалери Диего Армандо Марадона и Лионел Меси, како и статуата на поглаварот на Католичката црква, папата Франциско, кој е Аргентинец.
Тангото е исто така многу препознатлив елемент кога станува збор за Ла Бока, особено на пешачката улица „Каминито“. Доказ за тоа е што освен бројните танчери и големиот број ресторани, на гостите им се нуди во текот на ручекот или вечерата да имаат можност да уживаат во тангото, кое пред или во ресторанот го изведува танцова двојка.
Она што е можеби уште една причина љубителите на фудбалот да го посетат Ла Бока е секако фактот што овој кварт е домот на познатиот клуб Бока Јуниорс.

Во Ла Бока се наоѓа и стадионот на Бока Јуниорс, со целосно име Стадион „Албердо Џ. Армандо“, или попознат како „Ла Бомбонера“.
Бока Јуниорс има милиони навивачи, како во Аргентина, така и низ светот. Во комплексот на стадионот „Ла Бомбонера“ има музеј, каде што може да се видат сите трофеи на овој клуб, статуи и портрети од најпознатите фудбалери кои го носеле дресот на клубот, а меѓу нив, секако е и најистакнатиот Марадона.

Околу стадионот „Ла Бомбонера“ сѐ е во жолто-сината боја на клубот, а овие бои во Ла Бока се особено изразени во текот на дербито Бока Јуниорс - Ривер Плата, кое е едно од најголемите светски фудбалски дербија.