Zlatan Kapiç
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, денес во Белград одби да ја коментира одлуката на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) за иден државен секретар да го номинира Рекс Тилерсон, но рече дека очекува оти прагматизмот на Доналд Трамп и на Тилерсон ќе придонесе кон соработката меѓу Русија и Америка, пренесува Anadolu Agency (AA).
На прашањето на новинарите да ја коментира номинацијата на Тилерсон, кој инаку е извршен директор на „Ексон мобил“, Лавров рече дека нема право на таков коментар.
„Немам право да го коментирам тоа. Новоизбраниот претседател на САД одлучи, ние таа негова одлука ја прифаќаме и сме подготвени да соработуваме со сите партнери што сакаат да развиваат соработка со Русија. Тие се прагматични луѓе, не се изјаснувале против соработката со Русија и се надевам дека тоа ќе биде основа за понатаму“, изјави Лавров на прес-конференцијата за новинарите по состанокот на министри на Организацијата за црноморска економска соработка во Белград.