Murat Ünlü
19 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
ПАРИЗ (АА) – Марин Ле Пен, лидерката на екстремната десничарска партија во Франција, Народен фронт, во една телевизиска програма каде што гостуваше побара да биде тргнато знамето на Европската Унија (ЕУ), кое беше истакнато во заднината, до француското знаме, пренесува Anadolu Agency (AA).
Директорот на ТФ1, Жил Буле, изјави дека пред почетокот на програмата „Утрешниот претседател“, каде што гостуваше Ле Пен, го прифатиле нејзиното барање да биде тргнато знамето на ЕУ од програмата.
Во емисијата на која беа поканети сите кандидати за претседател во Франција, Ле Пен изјави: „Сакам да бидам претседател на Франција, не на Европската комисија. Сметам дека економските и социјалните теми на ЕУ и темите поврзани со границите, во голема мера им штетат на нашата држава и на нашиот народ“.
Таа истакна дека и претходно има барано да биде тргнато знамето на ЕУ од други јавни институции.
Првиот круг на претстојните претседателски избори во Франција ќе се одржи на 23. април, а ќе се натпреваруваат 11 кандидати. Доколку не се освои апсолутно мнозинство во првиот круг, двајцата кандидати со најмногу освоени гласови ќе се натпреваруваат во вториот круг, кој ќе се одржи на 7. мај.
Според јавните анкети, Ле Пен и лидерот на движењето „Марш“, Емануел Макрон, се издвојуваат како потенцијални кандидати за вториот круг од изборите. По нив следат кандидатот на Републиканската партија, Франсоа Филон, и кандидатот на екстремната левица, Жан-Лук Меленкон.