Riyaz Khaliq Khaliq,Oumar Sankare
14 Јануари 2025•Ажурирај: 15 Јануари 2025
БАМАКО (АА) – Лидерот на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, рече дека изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за африканските лидери се „навредливи“, јавува Анадолу.
Во својот говор на церемонија во главниот град Уагадугу, претседателот Траоре одговори на изјавата на Макрон дека „африканските лидери заборавиле да ѝ се заблагодарат на Франција“.
„(Макрон) ги понижи сите Африканци. Вака овој господин ги гледа Африка и Африканците. Ние не сме човечки суштества во неговите очи“, рече Траоре.
Реагирајќи на изјавите на Макрон, Траоре ги повика луѓето да бидат претпазливи.
„Ова е само димна завеса за народот“, рече тој.
Во обраќање до дипломатскиот корпус минатата недела, Макрон изјави дека африканските лидери „заборавиле да кажат благодарам“ на Франција за „помошта во борбата против бунтовите“ во регионот Сахел.
Тој ги повика африканските држави да ги раскинат договорите за воена соработка со Франција.
„Тоа е единствениот начин да имаме независна армија, да се изградиме и да бидеме силни“, изјави тој.
„Ако сакате прекин со овие империјалистички сили, тоа е едноставно. Мораме да ги раскинеме договорите. Проблемот лежи во колонијалните договори за одбрана кои беа потпишани од времето на независноста“, рече Траоре.
„Во францускиот систем, најопасни се воените советници“, додаде воениот лидер кој е на власт од септември 2022 година.
„Тие се одговорни за спроведување на француската политика во Африка.“
Траоре ги повика Африканците „да се разбудат, да работат за среќата на африканскиот народ, да се борат против империјализмот и да ги деколонизираат своите умови“.
Лидерот на Буркина Фасо изјави дека Париз ја менува својата стратегија за да го задржи своето воено присуство во Африка, откако многу држави ги протераа француските војници и ги затворија нивните бази.
„Тие нема да ја напуштат територијата на одредени држави. Ќе основаат безбедносни компании за да ги обезбедуваат своите компании во овие земји, но војниците ќе бидат таму. Нема повеќе да ги гледате во униформа или собрани во бази“, изјави капетан Ибрахим Траоре на церемонијата во главниот град Уагадугу, изразувајќи жалење што многу негови колеги „сè уште не го разбрале ова“.
Буркина Фасо е под воена власт од јануари 2022 година и беше една од првите африкански држави што ги протера француските сили.
Во последниве години, неколку африкански држави, меѓу кои ги Нигер и Мали, ги протераа војниците од француските воени бази, додека Брегот на Слоновата Коска, Чад и Сенегал побараа повлекување на француските сили.
Се очекува француските сили целосно да се повлечат од Чад до крајот на јануари.
Џибути и Габон се единствените две африкански држави каде што француското воено присуство сè уште продолжува.