Atila Altuntaş
30 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
СТОКХОЛМ
Магдалена Андерсон, која поднесе оставка по само седум часа откако беше избрана за прва жена премиер на Шведска минатата недела, повторно е избрана на оваа функцијата во понеделникот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парламентот на Шведска, што брои 349 места, со 101 глас „за“, 173 гласа „против“ и 75 воздржани, за премиер на земјата ја избра Магдалена Андерсон, лидерот на Социјалдемократската партија. Според шведскиот законик, кандидатот е избран за премиер доколку помалку од 175 пратеници гласаат „против“, без разлика на бројот на пратеници кои гласаат „за“ или се воздржани. Андерсон ќе се обиде да ја води земјата со еднопартиска влада до одржувањето на изборите во септември следната година.
Андерсон поднесе оставка од функцијата премиер минатата среда, откако Зелената партија ја напушти двопартиската коалиција кога нејзиниот предлог-буџет не успеа да помине во Парламентот. Коалициониот партнер гласаше за буџетот подготвен од група опозициски партии, вклучително и екстремно десничарските Шведски демократи.
Набргу по последното гласање во Парламентот, Џими Акесон, водачот на шведските демократи, рече дека Социјалдемократската партија за формирање влада преговара со партија што има врски со терористичката организација ПКК.
Акесон рече дека преговорите се воделе преку Амине Какабаве, која била исклучена од Левата партија поради нејзините антиисламски ставови и била независен пратеник во Парламентот.