Yusuf Özcan
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во Париз изјави дека преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс) предизвикало насилство и не помогнало во мировниот процес, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако такво нешто доведува до гинење на луѓето, тоа за мене не е радосна вест“, изјави Макрон на прес-конференцијата, додавајќи дека Париз ќе помогне да се реши хуманитарната криза во Газа.
Тој истакна дека му кажал на премиерот на Израел оти Франција и понатаму го поддржува нуклеарниот договор со Иран.
„Како што тврдат и нашите европски сојузници, потребно е да бидеме посветени на нуклеарниот договор со Иран за да ја контролираме балистичката ракетна програма“, изјави Макрон.
Сепак додаде дека договорот со Иран не е доволен и дека по 2025 година ќе биде потребно додатно да се работи на него.
Макрон напомена дека Ерусалим е главен град на двете земји, додавајќи дека е многу важно ова прашање да биде составен дел од преговорите меѓу двете страни.
„Посебно го осудувам секој вид насилство кој во последните недели се спроведува кон цивилите во Газа“, изјави Макрон.
Тој додаде дека ќе биде продолжена досегашната соработка меѓу Франција и Израел.
Нетанјаху истакна дека „радикалните верници“ претставуваат најголем проблем за демократијата, додавајќи дека во таа смисла е потребно да се воведат строги санкции кон Иран.
„Од претседателот Макрон барав да се повлече од нуклеарниот договор со Иран“, изјави Нетанјаху, нагласувајќи оти верува дека договорот со Техеран на крајот ќе биде поништен.
Тој напомена дека за Израел е многу важно Иран да не поседува нуклеарно оружје.
Потсетуваме, Нетанјаху претходно во вторникот го осуди иранскиот план за зголемување на капацитетот за збогатување на ураниумот, напоменувајќи дека Техеран сака да дојде до нуклеарно оружје за да го уништи Израел.
„Иранскиот врховен водич, ајатолахот Хамнеи, ја објави пред два дена намерата да го уништи Израел. Тој во понеделникот објасни дека тоа планира да го направи со обогатување на ураниумот без рестрикции заради развојот на нуклеарен арсенал“, изјави Нетанјаху, во видеопорака објавена на социјалните мрежи.
Ајатолахот Хамнеи во неделата на Твитер напиша дека Израел е „малиген тумор“ на Блискиот Исток и дека „мора да биде искоренет“.
Иран најави дека во вторник ќе ја информира Агенцијата на ОН во Виена за започнување на процесот за зголемување на сопствените капацитети на обогатување на ураниумот.