Burak Bir
10 Август 2026•Ажурирано: 10 Август 2026
Мал чамец со 230 лица во текот на викендот го преминал Ла Манш и пристигнал во Велика Британија, со што е поставен рекорд по бројот на лица кои го поминале преминот со едно пловило, објавија британските медиуми, пренесува Анадолу.
Чамецот пристигнал во Велика Британија во саботата, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во јули, кога 165 лица го преминале Ла Манш со еден чамец, објави „Би-би-си“.
Британското Министерство за внатрешни работи потврди дека во саботата вкупно 258 мигранти со четири чамци го преминале Ла Манш и пристигнале во Велика Британија.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи за „Би-би-си“ изјави дека најновиот случај ги покажува „непромислените и опасни тактики што ги користат криминалните банди, кои продолжуваат да ги изложуваат животите на ризик, сместувајќи сè поголем број луѓе во пловила што не се безбедни за пловидба“.
И покрај рекордниот број лица во едно пловило, вкупниот број преминувања на Ла Манш со мали чамци е намален годинава.
Според прелиминарните податоци на британското Министерство за внатрешни работи, цитирани од „Би-би-си“, досега годинава со мали чамци во Велика Британија пристигнале речиси 14.820 лица, што претставува пад од 43 отсто на годишно ниво и намалување од 16 отсто во споредба со истиот период во 2024 година.