Ömer Faruk Yıldız
04 Јануари 2020•Ажурирај: 05 Јануари 2020
КУАЛА ЛУМПУР
- Омер Фарук ЈИЛДИЗ
Градот Куала Селангор, сместен во малезиската покраина Селангор, со сигурност е една од најпосетуваните туристички дестинации во таа земја, првенствено поради тоа што има бројни историски споменици и прекрасна недопрена природа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Низ самиот центар на градот, кој од многу одамна е значаен туристички, но и трговски центар на Малезија, минува реката Селангор, низ која некогаш пловеле и трговски бродови.
Туристите што доаѓаат во овој град денес најмногу ги посетуваат неговите споменици, шумски предели, парковите, минувајќи време на брегот на реката, каде што уживаат во природните убавини на овој, по многу нешта, необичен град.
Еден од симболите на Куала Селангор е светилникот, изграден 1907 година на висорамнината Мелавати во самиот центар на градот.
Светилникот со висина од 27 метри тогаш им служел на бродовите да им овозможи навигација, но и за следење на пожарите на тоа подрачје и пошироко.
Уште еден од симболите на градот е опсерваторијата, исто така сместена на висорамнината Мелавати, за која се верува дека постои од 16 век, а долго е користена за да во неа се одреди почетокот на Рамазан, месецот на постот.
Во Куала Селангор се наоѓа и џамијата на Султан Ибрахим, која привлекува големо внимание кај туристите, а во градот се наоѓа и католичка црква, но и будистички, хиндуистички и таоистички храмови, што на најдобар начин ја покажува мултиконфесионалноста на градот.
Таоистичкиот храм „Тијан Фу Гонг“, изграден 1840 година од страна на кинеските доселеници, се смета за еден од најстарите храмови во градот.
Куала Селангор е оддалечен околу еден час од главниот град Куала Лумпур, и оваа година планира да пречека голем број туристи, посебно поради фактот што Малезија ја прогласи 2020 за година на туризмот.