Oktaj Omeragikj
04 Октомври 2024•Ажурирај: 05 Октомври 2024
СКОПЈЕ (АА) - Денеска на армискиот полигон „Криволак“ се одржа методско-показна вежба со боеви гаѓања, пренесува Анадолу.
На вежбата присуствуваа: претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, генералите во Армијата, командантите на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата и градоначалниците на Штип, Неготино и Кавадарци.
Целта на оваа вежба, на која за прв пат беше употребен нов систем вграден на лесно оклопно возило - JLTV, далечински управувана вооружена станица, каде лицето кое ракува со системот е заштитено во оклопното возило, е демонстрација на тактички постапки и процедури при изведување на напад, преку интеграција на борбените елементи и борбена поддршка, да се прикаже борбената моќ и капацитетите на подготвеност на зајакнатата пешадиска чета, дел од Лесната пешадиска баталјонска група - ЛПБГ.
Премиерот Мицкоски по вежбата рече: „Денеска можевме да видиме една навистина динамична практична вежба со примена на современо вооружување, со примена на модерна опрема.“ Мицкоски рече дека капацитетите се навистина на одлично ниво и додаде: „Можам да кажам дека сум презадоволен“.
„Поддршката за Армијата, набавувањето на нова опрема и средства ќе продолжи и во годините коишто следуваат за да бидеме навистина една модерна и динамична Армија којашто ќе одговара на НАТО-стандардите“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Министерот Мисајловски во изјава за медиумите истакна дека новата вградена опрема првенствено дава заштита на персоналот кој ракува со системот, а истовремено самиот систем поседува потребна огнена моќ и прецизност при сите временски и земјишни услови.
Свои обраќања на настанот имаа и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер.