Selman Aksünger
17 Септември 2020•Ажурирај: 18 Септември 2020
ХАГ
Европската полициска агенција (Европол), во соработка со француските и италијанските безбедносни единици спроведе операција во јужниот дел на Италија, во подрачјето Калабрија против мафијашката група позната под името „Ндрангета“, при што се приведени 46 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението што го објави Европол, во операцијата во која учествувале 550 полицајци на француските и италијанските безбедносни единици, под обвинение за трговија со дрога и перење пари приведени се 46 лица, од кои 33 Французи и 13 Италијанци.
Во соопштението се наведува дека групата „Ндрангета“ имала многу активна улога во трговијата со дрогата од типот кокаин, првенствено во подрачјето на Азурниот Брег (Француска ривиера) и подрачјето Лигурија во северозападниот дел на Италија, како и активна улога во трговијата со дрога меѓу Шпанија, Белгија и Холандија.
Со приведувањето на членовите на групата „Ндрангета“, зададен ѝ е голем удар на оваа мрежа која покрај трговијата со дрога, се занимава и со перење пари, спроведува фиктивна трговија, изнуда, рекет и изведува оружени напади.
Европол кој ги продолжува своите операции против наркомрежите во Европа, во вчерашната изјава информира дека во почетокот на неделата била спроведена голема операција и против познатата мафијашка група „Коза ностра“, која дејствува во градот Палермо на италијанскиот остров Сицилија, при што се приведени 8 лица.