Betül Yılmaz
01 Октомври 2025•Ажурирај: 01 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Глобалната флотила „Сумуд“ е оддалечена помалку од 90 наутички милји (166 километри) од Појасот Газа, кој е под израелска блокада, соопштија организаторите, јавува Анадолу.
„Пловиме во зоната со висок ризик. Бидете внимателни“, се вели во соопштението на флотилата објавено на американската компанија за социјални медиуми X.
Организаторите рекоа дека бродовите на флотилата ја надминале точката каде што хуманитарниот брод „Мадлин“ беше пресретнат од израелските поморски сили, нагласувајќи дека сите учесници се безбедни.
„По ноќта на тактики на заплашување од страна на израелската војска, можеме да потврдиме дека патниците од нашата флотила останаа смирени и ги следеа сите безбедносни процедури“, рекоа тие.
„Пловиме без обесхрабрување од израелските закани и тактиките на заплашување“, се вели во соопштението, во кое се повикуваат поддржувачите да извршат притисок врз своите влади за заштита на активистите и да го следат движењето на бродовите преку тракери и пренос во живо.
Флотилата, која носи главно хуманитарна помош и медицински материјали, тргна кон крајот на август и се очекува да стигне до брегот на Газа утре наутро под нормални околности.
Ова е прв пат по години десетици бродови заедно да пловат кон Газа, каде што околу 2,4 милиони Палестинци живеат под израелска блокада речиси 18 години.
Израел дополнително ја заостри опсадата на 2 март со затворање на сите гранични премини и блокирање на храната, лековите и хуманитарната помош, втурнувајќи ја Газа во глад и покрај тоа што камионите со хуманитарната помош чекаат на нејзините граници.
Израелската Армија уби над 66.100 Палестинци во Газа, повеќето од нив жени и деца, од октомври 2023 година. Немилосрдното бомбардирање ја направи енклавата непогодна за живот и доведе до глад и ширење на болести.