Mohamad Misto,Selen Temizer
14 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
ДЕРА/AНКАРА (AA) - МУХАМЕД МИСТО/СЕЛЕН ТЕМИЗЕР - Муавие Сајасна, кој пред седум години беше причина за започнувањето на народното востание во Сирија поради натписот на ѕидот „Лекару (Башар Асад), сега ти си на ред“, вели: „Не ми е жал, горд сум на она што го сторив, бидејќи го видовме вистинското лице на режимот“.
Во седмата година од граѓанската војна, Anadolu Agency (AA) ги посети учениците што го кренаа првиот опозициски глас против режимот на Асад.
Дваесетгодишниот Сајасна, кој бил подложен на тортура од режимот, откако го признал злосторството заедно со неговиот пријател, говореше за AA, пред натписот на училишниот ѕид.
„Кога јас и моите пријатели почнавме да пишуваме на ѕидот, бевме импресионирани од револуциите во Тунис и Египет“, рече Сајасна.
„На ѕидот напишавме, 'Лекару, сега ти си на ред'. Причината што ја напишавме оваа порака беше затоа што во близина на училиштето поставија полициска кабина и секој пат кога поминувавме пред колибата, полицајците нè малтретираа“. По два или три дена предметот беше истражуван од режимот и беше откриено дека ние сме го напишале натписот“, рече Сјасна.
- „Некои од нас беа обесени на ѕид, ни беа кршени прстите, нè удираа со електрични палки“
Во разговорот, Сајасна ја објасни тортурата од силите на режимот.
„Тие извршија рации во нашите домови и нѐ одведоа во одделни притвори. Потоа нè мачеа за да признаеме кој е тој што нè натерал да го напишеме тоа. Некои од нас беа обесени на ѕид, ни ги кршеа прстите, нè удираа со електрични палки. Родителите не знаеја каде сме“.
Сајасна изјави дека не им ги кажале имињата на другите пријатели со кои го пишувале натписот.
„Јас и мојот пријател Ахмед го признавме злосторството. Другите тројца другари беа ослободени. Ние останавме внатре. Потпишавме нешто, а што, не знаеме. Режимот нè фрли во затвор по тортурата. По демонстрациите бевме ослободени. И оние што немаа никаква врска со натписот, беа уапсени“, рече тој.
Сајасна рече дека неговите пријатели ја напуштиле земјата, само Ахмед и тој продолжиле да живеат во Дера.
- „Се надевам дека режимот ќе падне, и животот во Сирија ќе биде подобар отколку во минатото“
„Сега сум на страната на Слободната сириска армија и јас се борам против режимот“, рече Сајасна кој ги сподели неговите желби.
„Се надевам дека режимот ќе падне, дека животот во Сирија ќе биде подобар од порано. Се надевам дека луѓето и моите пријатели што избегаа од земјата ќе се вратат“.
„Поминаа седум години откако го напишавме натписот на ѕидот, не се каам, горд сум на тоа што го направив, бидејќи го видовме вистинското лице на режимот. Возрасните знаеја каков е режимот, но не можеа да направат ништо.“
На 15 март 2011 година, народното востание во Сирија започна поради натпис на група ученици во Дера, на југот од земјата, на училишниот ѕид: „Народот сака режимот да биде срушен“. За краток временски период, во Дера и Дамаск започнаа антирежимски протести.
Народот на Сирија, каде што владееше една партија половина век, којшто се жалеше поради невработеност, корупција и угнетување, демонстрираше низ целата земја.