Hasan Hüseyin Kulaoğlu
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
КОКС-БАЗАР (АА) - Ресминара Рахмет Керим е една од големиот број муслимани кои неодамна мораа да побегнат во Бангладеш, по акцијата што во провинцијата Аракан ја започна армијата во Мјанмар. Таа за Anadolu Agency (AA) раскажа за тешката судбина што ја снајде кога при нападот од страна на војниците на Мјанмар ги изгуби својот сопруг и синот.
Рахмет Керим рече дека живеела во селото Хатифар, во околината на градот Ле Монд, во Aракан.
„Пред почетокот на овие настани можев да излезам надвор, да одам до продавница, на пазар, во џамија. Имавме приватен и друштвен живот. По сите тие случувања, не можев да излезам надвор. Нема мир, а во секој момент постои можност да бидете убиени“, рече Рахмет Керим.
Таа истакна дека мјанмарските војници пред две недели извршиле напад на нивното село и го уништиле местото каде што живееле. За време на нападот, почнале да бегаат.
„Тогаш војникот го виде мојот петгодишен син Мухамед Рефик. Го зеде и го фрли во куќата што ја запалија. Син ми беше фрлен в оган пред моите очи“, се сеќава Керим на овој ужасен настан.
Војниците го нападнале нејзиниот сопруг додека се молел на полето со ориз.
„Тој се обиде да избега, но војниците пукаа во воздух и го фатија, по што му го отсекоа увото и гркланот“, рече Керим.
Керим вели дека по нападот избегала во селото каде што живеел нејзиниот чичко, а откако и тој бил нападнат, побегнала во Бангладеш.
„Војниците во шумите поставија мини. Тоа беше причината зошто не можевме да одиме низ неа. Пред три дена преку реката стигнавме во Бангладеш. Сега имам само еден син и една ќерка. Не знам што се случи со три од моите деца“, истакна самохраната мајка.
Таа додаде дека не знае зошто војниците од Мјанмар ги нападнале, со оглед на тоа што живееле мирен живот.