Betül Yılmaz
19 Јуни 2025•Ажурирај: 20 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 271 лице е повредено во најновите ирански ракетни напади врз Израел утринава, соопшти израелското Министерство за здравство, пренесува Анадолу.
„Четворица од повредените се во критична состојба“, додаде Министерството.
Според израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН, околу 20-30 ирански ракети биле насочени кон централните градови на Израел, меѓу кои се и Тел Авив, Рамат Ган и Холон, како и болницата „Сорока“ во јужниот град Бершеба.
Иранската државна новинска агенција ИРНА тврди дека ракетите биле насочени кон седиштето на израелската армија и разузнавачката служба во близина на болницата „Сорока“ и дека неколку лица биле повредени.
„Ќе продолжиме да ги напаѓаме сите цели што ѝ припаѓаат на агресивната ционистичка власт и не гледаме никакви ограничувања пред нас“, изјави началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајор Абдолрахим Мусави, во изјавата за полуодржавна иранска новинска агенција Тесним.
Израелската армија, пак, соопшти дека ги погодила нуклеарниот реактор во Арак, југозападно од Техеран, и објектот за развој на нуклеарно оружје во Натанс, југоисточно од главниот град.
Тензиите ескалираа во петокот кога Израел изврши воздушни напади врз неколку локации низ Иран, вклучително воени и нуклеарни објекти, по што Техеран започна со одмазднички напади.
Израелските власти соопштија дека оттогаш се загинати најмалку 24 лица, а стотици се повредени во иранските ракетни напади.
Во Иран се загинати 639 лица, а повеќе од 1.329 се ранети во израелските напади, според извештаите на иранските медиуми.