БЕРЛИН (АА) - Со повлекувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, по 16 години на функција, остануваат главните прашања: „Што е нејзиното наследство, што постигна и каде потклекна?“
Шеесет и седумгодишната политичарка покажа дека е вешта како менаџер во криза, водејќи ја не само својата држава, туку и Европската Унија низ должничката криза, бран од стотици илјади мигранти од Блискиот Исток и Авганистан и најсмртоносната пандемија на векот.
Финансиската криза со еврото, кризата со мигрантите и кризата со коронавирусот се случија за време на мандатот на Меркел и тие го обликуваа нејзиното владеење, како и неколку други настани, освен можеби катастрофата на реакторот „Фукушима“ во март 2011 година. Во тоа време Меркел го промени курсот во нејзината нуклеарна политика. Кабинетот одлучи постепено да ја укине нуклеарната енергија.
- Меркел во споредба со Аденауер, Кол -
Лидерот на парламентарната група на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Ралф Бринкхаус, ѝ оддаде чест на Меркел за нејзините 16 години како шеф на Владата, и им кажа на медиумските претставници во Берлин дека „таа обликуваше една ера. Таа стои во редот со [поранешните канцелари] Конрад Аденауер и Хелмут Кол.“
„Меркел беше неверојатно успешна федерална канцеларка“, рече Бринкхаус. За време на нејзиното владеење, на пример, бројот на невработени се преполови и беше постигнато многу во прашањата за социјалната и надворешната европска политика“, додаде тој.
Неговите забелешки беа поддржани од страна на Норберт Ламерт, поранешниот претседател на германскиот Парламент, кој, исто така ја пофали Меркел на годишнината од нејзината прва заклетва пред 16 години на 22 ноември 2005 година.
„Ангела Меркел има многу јаки страни. Нејзиното речиси натчовечко трпение да ги издржи дури и најапсурдните позиции на националните и меѓународните партнери е особено извонредно.“
Ламерт, кој сега е претседател на Фондацијата на Конрад Аденауер, поврзана со ЦДУ, додаде: „Нејзината стоичка смиреност ѝ овозможи да продолжи да ја врти нишката на разговорот и да не дозволи да се откине, дури и во особено незгодни моменти.“
Меркел умно ја присвои централната позиција на германската политика, што ја направи толку моќна изборна сила, според Матијас Матијс, висок соработник во Европскиот совет за надворешни односи.
Повеќето политички експерти во Берлин ќе се согласат дека партијата на Меркел, ЦДУ, комотно ќе ги освоеше изминатите избори ако таа се одлучеше да се кандидира за рекордниот петти мандат.
- „Меркантилизам“ станува водечката политика на Меркел -
„Меркел главно се водеше по она што е познато како „меркантилизам“, системско одредување на приоритет на германските комерцијални и геоекономски интереси пред демократските вредности, човековите права и внатрешната солидарност на ЕУ“, напиша Матијс.
„Има бројни примери. За време на грчката должничка криза, примарната политичка цел на Меркел беше да ја заштити солвентноста на германските банки, а ставањето на главниот товар на приспособувањето на Јужна Европа преку политиките за штедење и структурни реформи остави трајни лузни“, рече тој.
„Таа не беше подготвена директно да се соочи со авторитарните тенденции на премиерите Виктор Орбан од Унгарија и Јарослав Качински од Полска, делумно поради германските комерцијални интереси. Таа се стремеше кон сеопфатен инвестициски договор со Кина поради противењето на другите европски лидери“, додаде Матијс.
Понатаму, како последица на анексијата на Крим од рускиот претседател Владимир Путин во 2014 година, таа го поткопа сопствениот режим на санкции против Русија за да му даде на Путин многу поголема награда од проектот за гасоводот „Северен тек 2“.
- Одржувањето на Европска Унија во единство за време на кризите кои траат една деценија -
Според Матијс, на европско ниво, тоа беше категорично инсистирање на Меркел за штедење и структурни реформи за време на должничката криза во еврозоната, како и нејзината цврста решителност да го заврши контроверзниот проект за гасоводот „Северен тек 2“ со Русија и нејзиното прифаќање на заеднички обврзници на ЕУ во пресрет на економските последици од пандемијата на Ковид-19.
Меркел успеваше да ја држи Европската Унија во единство за време на децениските кризи, меѓу нив должничката криза со еврото, руската агресија во Украина, бегалската криза, гласањето за Брегзит во Велика Британија, трансатлантскиот јаз за време на претседателствувањето на Доналд Трамп во САД. Веројатно нејзината најважна одлука беше прифаќањето на заеднички издадени обврзници на ЕУ, пролетта 2020 година, според Матијс.
- Меркел го избра вистинското време да се збогува со политиката -
Осврнувајќи се на своето канцеларство, Меркел рече дека овие 16 години биле полни со настани и понекогаш со многу предизвици.
„Тие ме предизвикаа политички и персонално. И во исто време, тоа секогаш ме исполнуваше.“
И што ќе прави Меркел во иднина? Сака да се повлече од големата политичка сцена, како што неодамна кажа за неделниот дневен весник „Франкфуртер алгемајне сонтагцајтунг“ (Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung).
Меркел веќе ѝ кажа на германската фотографка Херлинде Коелбл во 1998 година: „Јас би сакала да го најдам вистинското време да ја напуштам политиката во одреден момент. Тогаш не сакам да бидам полумртва руина.“
За разлика од многу нејзини претходници, Меркел успеа да го избере точното време за да се збогува со политиката.
news_share_descriptionsubscription_contact
