Saadet Gökce
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Најмалку 26 лица загинаа, а 61 е повредено во силна експлозија во фабрика за пиротехнички материјали во Централна Кина, јави денес државната новинска агенција Синхуа, пренесува Анадолу.
Експлозијата се случила во понеделникот попладне во објект со кој управува компанијата за производство на огномет „Хуашенг“ во Лиујанг, град кој е дел од регионот на главниот град Чангша, во провинцијата Хунан.
Властите соопштија дека веднаш се започнати спасувачки операции, со повеќе од 480 лица распоредени во пет тима заедно со специјализирани роботи за спасување.
Официјалните лица изјавија дека локацијата на експлозијата е во близина на два магацина за црн барут, што предизвикало загриженост за можни секундарни експлозии. Како мерка на претпазливост биле евакуирани жителите што се во близина и била воспоставена безбедносна тампон-зона.
До рано утринава спасувачите ја завршиле првичната операција за пребарување, потврдувајќи го бројот на загинати, а повредените се пренесени во болниците на лекување.
Во тек се втори напори за пребарување.
Експерти од Министерството за управување со вонредни состојби се испратени да помогнат во спасувањето и истрагата.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг повика на брза истрага за причината за експлозијата и одговорност за виновниците.
Исто така, тој апелираше до надлежните органи да извлечат поука од инцидентот, да ги зајакнат мерките за безбедност при работа, да спроведат инспекции, да ги решат ризиците во клучните индустрии, да ја засилат јавната безбедност и да ја осигурат безбедноста на животите и имотот на луѓето.
Полицијата го приведе одговорното лице на компанијата, додека властите продолжуваат да ја истражуваат причината за експлозијата.