James Tasamba
11 Септември 2026•Ажурирано: 11 Септември 2026
Најмалку 26 ученици загинаа, а неколкумина се повредени во два пожара што избувнаа вчера во училишта во источниот дел на Демократска Република Конго, соопштија надлежните, јавува Анадолу.
Во разорниот пожар уништени се неколку станбени куќи во населбата Чимпунда, во градот Букаву, кој е административен центар на покраината Јужен Киву.
Потоа пожарот брзо се прошири кон блиските основни училишта „Уџама“ и „Фураха“, каде што некои ученици загинаа во стампедо додека се обидуваа да им избегаат од пламените јазици.
Од почетокот на 2025 година Букаву е под контрола на бунтовничката група АФЦ/М23, која контролира неколку територии во источниот дел на Конго.
Во соопштение, покраинските власти на Јужно Киву изразија длабока вознемиреност по инцидентот и ја осудија „неактивноста на бунтовниците од АФЦ/М23 “.
Покраинските власти побараа независна истрага за да се утврдат причините за пожарот, начинот на ширење, мерките за превенција и спасување што биле достапни во моментот на инцидентот, како и тоа дали причината била човечка грешка.
„Заштитата на населението не е услуга. Тоа е одговорност“, изјави Дидие Башизи, портпарол на покраинската Влада.
Министерството за образование, пак, соопшти дека ќе ги разгледа потребните чекори за помош на погодените лица и за обезбедување континуитет во наставата, во соработка со релевантните образовни и хуманитарни субјекти.
Денес некои локални медиуми, повикувајќи се на болнички извори, известија дека бројот на загинати се искачил на 29. Лоренс Кањука, портпарол на М23, во објавата на американската платформа на социјални мрежи X вчера наведе дека загинале 24 ученици, од кои 19 девојчиња и пет момчиња.
Во последниве месеци градот Букаву се соочува со низа пожари во кои се уништени многу домови и кои завија во црно голем број семејства.
Се наведува дека во рок од еден месец во градот се регистрирани 18 пожари со повеќе од 50 жртви.
Минатата недела загинаа 22 лица, а неколку беа повредени откако избувна пожар во објект каде што се одржуваше свадба во главниот град Киншаса.