Ahmed Asmar
28 Октомври 2024•Ажурирај: 29 Октомври 2024
ТАЛ АБЈАД, Сирија (АА) - Според локални извори, непознати борбени беспилотни летала нападнале две американски воени бази во Сирија, јавува Анадолу.
Американската воена база во нафтеното поле Ал-Омар во областа Деир ез-Зор, источна Сирија, била нападната синоќа од повеќе беспилотни летала камикази, изјавија локални извори за Анадолу.
Сирените се огласија во реонот на воената база со американски воени авиони кои летаа над областа, додаваат изворите.
Подоцна, американските трупи распоредени во базата ги гаѓаа со артилериски гранати селата Кушам, Ал-Џафра, Ал-Хувајја и Ал-Марија, лоцирани на западниот дел на реката Еуфрат, каде што се верува дека се стационирани групите поддржани од Иран.
Деир ез-Зор е под окупација на терористичката организација ПКК/ЈПГ поддржана од САД, додека центарот на градот и другите рурални области се под контрола на сирискиот режим на Башар ал Асад и групите поддржани од Иран.
Во меѓувреме, американската воена база Ал Танф во близина на границата меѓу Јордан и Сирија, во југоисточна Сирија, исто така беше цел на напад со беспилотни летала.
Дописникот на Анадолу јави дека американската противвоздушна одбрана во базата соборила некои од беспилотните летала, додека други ја погодиле базата.
Нема информации за жртви. САД досега не дадоа изјава за нападите врз двете бази.
Во последниве месеци, напади со беспилотни летала и ракети беа извршени врз американските бази во Сирија од непознати вооружени групи, најверојатно поддржани од Иран.