Hasan Esen,İlyas Tayfun Salcı
04 Јуни 2020•Ажурирај: 04 Јуни 2020
ЛОНДОН
За време на протестите во Лондон, организирани поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, дојде до нереди меѓу полицијата и демонстрантите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници демонстранти маршираа од паркот Хајд до Вестминстерската палата. Во близина на парламентарниот плоштад дојде до напнатост.
Додека еден дел од демонстрантите одлучи да замине дома, другите пак дојдоа во судир со припадниците на безбедносните сили кои го обезбедуваа настанот.
Насобраните извикуваа: „Вреден е животот и на црномурните луѓе!“, „Ако нема правда, нема ни мир!“. За време на демонстрациите се приведени и некои демонстранти.
Се очекува дека новите протести во Лондон ќе бидат организирани и за време на викендот.
Во меѓувреме, премиерот Борис Џонсон на прес-конференцијата, организирана за време на протестите, а во врска со Ковид-19, изјави дека жалат за Џорџ Флојд и дека бил ужаснат кога видел што му се случило.
Пораката на Џонсон до американскиот претседател Доналд Трамп и до сите граѓани во САД е дека за расизам и расистичко насилство нема место во нивното општество.
Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд. Тие тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница
Неговите последни зборови „Не можам да дишам“ станаа слоган на протестите низ државата.
Со независна аутопсија вчера беше соопштено дека Флојд починал од задушување поради континуиран притисок.