Erkan Avci
23 Февруари 2016•Ажурирај: 26 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама побара од Конгресот да обезбеди 1,9 милијарди долари за борба против ширењето на опасниот вирус зика во САД и земјите на Латинска Америка, јавува Anadolu Agency (AA).
Писмото на Обама со барањето за издвојување на буџетски средства за борба против ширењето на вирусот зика е доставено до претседадавачот со Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Пол Рајан.
„Бараните средства ќе го зајакнат нашиот локален здравствен систем во борбата против вирусот зика, ќе овозможат одговор на евентуалната епидемија во нашата земја, но ќе ги овозможат и потребните мерки во сузбивањето на вирусот и во другите земји”, се наведува во писмото на Обама.
Вирусот зика е евидентиран во 44 земји од минатата година, додека епидемијата е забележана во 33 земји. Заразата со вирусот се доведува во врска со микроцефалијата кај бебињата. Вирусот зика за прв пат е откриен во 1947 година кај мајмуните населени во шумите на Уганда. Пет години подоцна заразени се и првите луѓе.
Првата епидемија на тој вирус е регистрирана во мај, минатата година, во Бразил. Преносителите на заразата, комарците "Aedes", се регистрирани во сите земји на Америка, со исклучок на Канада и Чиле. Првите симптоми на заразата се покачена телесна температура, црвенило во пределот на очите, чешање и осип по телото, главоболка како и болки во зглобовите и мускулите.