Burak Bir
08 Април 2023•Ажурирај: 10 Април 2023
ЛОНДОН (АА) - Стотици луѓе присуствуваа вчера на ифтарот на отворено на плоштадот пред познатата концертна дворана „Ројал Алберт Хол“ во Лондон, пренесува Анадолу.
Околу 450 лица се собраа на ифтарскиот оброк со кој се прекинува постот по заоѓањето на сонцето. Настанот го организираше наградуваната хуманитарна организација „Ramadan Tent Project“, основана во 2013 година.
По учењето на езанот, поканата за молитва, муслиманите го прекинаа постот по што следуваше заедничка молитва.

Обраќајќи се пред ифтарот, амбасадорот на Туркије во Велика Британија, Осман Корај Ерташ, се осврна на важноста на Рамазан во јакнењето на врските меѓу луѓето.
Укажа и на солидарноста со турската заедница по разорните земјотреси што ги потресоа Туркије и Сирија на 6 февруари.
Ерташ им се заблагодари на Британците за донациите и кампањата за собирање средства за настраданите во земјотресите.

Џонатан Вилсон, професор на Универзитетот „Риџент“ во Лондон, ги пофали ифтарските собири на отворено и рече дека таквите собири се добра можност за запознавање на луѓето и за размена на искуства.
Доушан Хумза, член на Советодавниот одбор на организацијата „Ramadan Tent Project“, рече дека таквите проекти придонесуваат за стекнување нови пријатели и особено им се заблагодари на волонтерите за нивниот придонес.
