Bayram Altuğ
28 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Независната комисија на ОН за истражување на злосторствата над Палестинците денеска соопшти дека минатогодишните напади на израелските сили врз Палестинците на подрачјето на Газа, за време на мирните протести „Голем марш за враќање“, би можеле да бидат окарактеризирани како воени злосторства и злосторства против човештвото, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Женева денеска е претставен извештајот на Комисијата пред Советот за човекови права во Женева.
„Комисијата има разумни причини да верува дека израелската војска за време на „Големиот марш за враќање“ го прекршила меѓународното човеково и хуманитарно право.
Некои кршења би можеле да претставуваат воени злосторства или злосторства против човештвото“, изјави претседателот на Комисијата, Сантјаго Кантон.
Извештајот се однесува на настаните од 30 март до 31 декември минатата година, а во него е упатен повик да се покрене истрага за израелските војници кои намерно отвориле оган и убиле 189 палестински цивили.
Во извештајот е нагласено дека 183 Палестинци се убиени со боеви мечеви, а дека се ранети 6.106 лица.
Истакнато е и дека поголемиот дел од убиените и ранетите цивили не претставувале „блиска закана“ за израелските безбедносни сили и дека со гумени куршуми и солзавец биле повредени додатни 3.098 цивили.
Палестинците од 30 март на границата на Појасот Газа и Израел организираат мирни демонстрации „Марш за големо враќање“.
Демонстрантите бараат враќање на територијата од која се протерани, како и укинување на блокадата на Газа воведена во 2006 година.
Во интервенцијата на израелските војници на протестите, од 30 март се убиени повеќе од 230 Палестинци. Во истиот период во воздушните и тенковските напади на Газа се убиени најмалку 14 Палестинци.