Ekipa
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации денес соопшти дека евидентирала 136 загинати цивили во Украина откако Русија започна со напади минатата недела, меѓу кои 13 се деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во периодот меѓу 24 февруари утрото и синоќа на полноќ, нашата канцеларија регистрира 136 загинати цивили во Украина, од кои 13 се деца, и 400 повредени цивили, од кои 26 деца“, рече Лиз Тросел, портпаролка на Високиот комесар за човекови права, на прес-конференција на ОН во Женева.
„Најголем дел од жртвите и повредените“, рече таа, „се од употреба на експлозивно оружје, гранатирања со тешка артилерија и ракетни системи за лансирање и воздушни напади.“
„Ова се само жртвите што можевме да ги провериме, а реалниот биланс веројатно ќе биде многу поголем“, рече Тросел.
Таа, исто така, рече дека Високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Башелет, истакнала дека употребата на експлозивно оружје со ефект на широка опсег треба да се избегнува во населените области поради многу високите ризици од неселективно и непропорционално влијание врз цивилите.
„Ја нагласуваме итната потреба за итен прекин на непријателствата“, порача Тросел.