Gamze Türkoğlu Oğuz
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Марк Лоукок, заменик генерален секретар на Обединетите нации (ОН) задолжен за хуманитарни прашања, упати апел за зачувување на примирјето во зоната на деескалација во Идлиб, со цел спречување воен напад, јавува Anadolu Agency (AA).
Лоукок, на седницата на ОН истакна дека светот забележал зрак надеж во изминатите недели од постигнувањето на примирјето меѓу Русија и Турција во зоната на деескалација во Идлиб во септември, кое релативно поминува мирно, и упати апел за зачувување на примирјето.
Истакнувајќи дека еден воен напад би го нарушил општеството што е веќе ослабено поради долгогодишниот конфликт, раселувањето и сиромаштијата, и целосно би го нарушил капацитетот за испраќање хуманитарна помош во регионот, Лоукок рече дека ваквиот напад може да создаде тешки последици за милиони лица во Идлиб.
Лоукок побара да му се дозволи итен пристап на конвојот за помош до сириското подрачје на Рукбан, што се наоѓа до границата со Јордан.
Се вели дека од почетокот на годината 50.000 цивили во ова подрачје чекаат хуманитарна помош.
Од друга страна, Џонатан Коен, заменик постојан претставник на САД во ОН, истакна дека е застрашувачка изјавата на постојаниот претставник на Сирија во ОН, Бешар Џафери, дека режимот во одредено време повторно ќе го заземе Идлиб.
„Тоа значи дека ќе се затвори прозорецот на можности кој се отвори со примирјето меѓу Турција и Русија во зоната на деескалација, со цел спречување на убивањата на милиони Сиријци што живеат во Идлиб“, рече Коен.
Меѓу другото, Џафери не зборуваше за оваа изјава, а ја потврди посветеноста на Сирија за примирјето во зоната на деескалација во Идлиб.
Владимир Сафронков, заменик постојан претставник на Русија во ОН, нагласи дека бомбардирањето на селата и населбите во околината на Идлиб е прекршување на членовите на примирјето.
Сафронков рече дека ако провокациите на радикалните елементи упорно продолжуваат, Русија го задржува правото за поддржување на ефективните активности на сирискиот режим за елиминирање на терористичките легла.