Riyaz Khaliq Khaliq
15 Јануари 2025•Ажурирај: 16 Јануари 2025
СЕУЛ (AA) – Поранешниот премиер на Јужна Кореја, Хан Дук-со, кој беше отповикан, изјави дека прогласувањето воена состојба од страна на претседателот Јун Сук Јол на 3 декември било „грешка“, јавува „Јонхап“, пренесува Анадолу.
„Согледувајќи ги суштинските недостатоци, вклучително и процедурите, сметам дека воената состојба не беше во ред“, рече Хан за време на сослушувањето во Парламентот во средата.
Претседателот Јун го шокираше народот минатиот месец кога воведе воена состојба, која беше укината со гласање во Парламентот само неколку часа по прогласувањето.
„Сметам дека воената состојба беше грешка“, изјави Хан.
63-годишниот Јун, кој е под истрага за побуна и злоупотреба на власта, беше отповикан, а денес во раните утрински часови во неговата Претседателска резиденција во Сеул беше уапсен.
Хан Дук-со, кој беше назначен за премиер од страна на Јун по неговата победа на претседателските избори во 2022 година, беше именуван за вршител на должноста претседател по импичментот на Јун на 14 декември.
Сепак, Хан беше отповикан од Парламентот само две недели подоцна поради тоа што не назначил судии во Уставниот суд, кој го разгледува случајот на Јун.
Пред да ја прогласи воената состојба, Јун свикал седница на Владата по предлог на Хан за да ги разгледа плановите за оваа контроверзна мерка.
Министерот за финансии, Чои Санг-мок, го наследи Хан како вршител на должноста претседател на земјата.